Mehmet Nuri Uçar
29 Јануари 2024•Ажурирај: 30 Јануари 2024
САНА (АА) - Хусите во Јемен објавија дека истрелале проектили врз брод на американската морнарица во Аденскиот Залив, јавува Анадолу.
Портпаролот на Хусите, Јахја Сери, наведе дека со „соодветна поморска ракета“ го гаѓале бродот на американската морнарица „Луис Б Пулер“.
Сери наведе дека нападот бил извршен како поддршка на палестинскиот народ и како одговор на нападите на Соединетите Американски Држави и Велика Британија врз Јемен.
Тој додаде дека ќе продолжат да ги блокираат бродовите што му припаѓаат на Израел или одат кон израелските пристаништа додека не престанат нападите врз Појасот Газа и не заврши блокадата врз палестинската енклава.
САД и Велика Британија започнаа воздушни напади врз позиции на Хусите на 11 јануари во знак на одмазда за нападите на Хусите врз пловила во Црвеното Море, што создадоа страв од нов скок на инфлацијата и прекини во синџирот на снабдување.
Црвеното Море е еден од најчесто користените морски патишта во светот за транспорт на нафта и гориво. Се користи за транзит помеѓу египетскиот Суецки Канал и Аденскиот Залив, овозможувајќи им на бродовите да ја избегнат многу поскапата и подолга маршрута покрај јужниот брег на Африка.