Mücahit Oktay
09 Септември 2021•Ажурирај: 11 Септември 2021
ЊУЈОРК (АА) - Бројот на луѓе кои ги загубија животите во американската сојузна држава Луизијана, погодена од ураганот Ида, се искачи на 26, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од државните здравствени власти на градот Њу Орлеанс, бројот на луѓе кои ги загубиле животите во регионот поради ураганот Ида се зголемил за уште 11, и изнесува 26.
Се наведува дека повеќето од новите смртни случаи се меѓу постарите лица, кои се лишени од основни потреби, како што е електрична енергија, и кои не можат да ја поднесат екстремната топлина.
Исто така, се додава дека полицискиот час, кој започна да се спроведува два дена по ураганот, во периодот од 20:00 до 06:00, е укинат.
Околу 342.000 жители на Луизијана сѐ уште немаат електрична енергија, а 250.000 ученици чии училишта се уништени, не може да се вратат во своите училници.
Во регионот уништени се илјадници домови. Во државата Луизијана, која беше најпогодена од ураганот, ќе бидат потребни три недели за жителите повторно да добијат електрична енергија.
Најмалку 50 луѓе загинаа во североисточните држави поради ураганот, чија брзина беше над 240 километри на час.