Aysu Biçer
09 Март 2026•Ажурирај: 10 Март 2026
ЛОНДОН (АА) – Големо мнозинство граѓани на Велика Британија се изјаснуваат како „анти-Трамп“, покажува новата анкета на „ЈуГов“ објавена денес, која открива и јасни политички поделби во ставовите кон американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Според анкетата, околу две третини од Британците (67 отсто) велат дека се против Трамп, од кои 56 отсто изјавиле дека се силно против Трамп.
Од друга страна, само 13 отсто од испитаниците се изјасниле како поддржувачи на Трамп, додека 16 отсто рекле дека немаат јасен став – ниту се за ниту против актуелниот жител на Белата куќа.
Анкетата покажува и значајни разлики меѓу поддржувачите на главните политички партии во земјата.
Големо мнозинство од симпатизерите на Либералните демократи (89 отсто), Лабуристичката партија (85 отсто) и Зелената партија (82 отсто) се изјасниле како „анти-Трамп“. Исто така, и мнозинство од гласачите на Конзервативната партија (61 отсто) рекле дека имаат негативен став кон него.
Поддржувачите на крајно десничарската партија „Реформ УК“ претставуваат исклучок. Само 24 отсто од нив рекле дека се „анти-Трамп“, додека речиси половина (46 отсто) се изјасниле како „про-Трамп“.
Анкетата, исто така, анализирала како Британците ги перципираат ставовите на домашните политички партии кон американскиот претседател.
Партијата „Реформ УК“ најчесто се поврзува со поддршка за Трамп. Седум од десет Британци (70 отсто) сметаат дека партијата на Најџел Фараж го поддржува Трамп, додека само 8 отсто веруваат дека таа има неутрален или критички став кон него.