Merve Berker
09 Март 2026•Ажурирај: 09 Март 2026
АНКАРА (АА) – Новообјавена видеоснимка го покажува нападот на американски крстосувачки проектил врз поморска база, веднаш до основно училиште во јужен Иран, каде што, според вчерашните извештаи на медиумите, се убиени 175 лица, меѓу кои најголемиот број се деца, јавува Анадолу.
Снимката прикажува како ракетата удира во објект, во внатрешноста на поморската база, управувана од Исламската револуционерна гарда, во јужниот ирански град Минаб, на 28 февруари.
Анализите спроведени од Њујорк тајмс, базирани на сателитски снимки, објави на социјалните медиуми и дополнителни видеа покажуваат дека зградата на Основното училиште „Шаџаре Тајибе“ била сериозно оштетена со прецизен напад, кој се случил приближно во исто време со нападите врз соседната поморска база на ИРГК.
Снимката прикажува проектили кои погодуваат објект во базата, опишан како медицинска клиника, создавајќи огромни облаци од чад и урнатини кои се креваат во водухот.
Додека камерата ја прикажува околината, се забележуваат големи облаци од прав и чад кои веќе се издигнати во воздух, во близина на училиштето, што укажува дека тоа било погодено непосредно пред нападот на поморскиот објект.
Американската војска е единствената сила која учествува во конфликтот и е познато дека користи ракети Томахавк.
На прашањето дали Соединетите Американски Држави го бомбардираа училиштето, претседателот Доналд Трамп негираше одговорност.
„Не. Според мене, врз основа на тоа што сум видел, тоа е дело на Иран“, вели Трамп, додавајќи дека иранската муниција е многу непрецизна.
Секретарот за одбрана, Пит Хегсет, изјави дека Пентагон го разгледува инцидентот.
„Единствената страна која нишани кон цивили е Иран”, изјави тој.
Крстосувачката ракета Томахавк е наведувано оружје со голем дострел, способно да помине околу 1.609 километри, и се програмира со специфична патека на летот уште пред самото лансирање.
Еден проектил изнесува речиси 6 метри во должина и распон на крилјата од околу 2,6 метри.
Изјавата на генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на Вооружените сили, вели дека американските воени сили извршувале напад врз јужен Иран за време на инцидентот.
„Првото оружје лансирано од море беа ракетите Томахавк, истрелани од страна на морнарицата на Соединетите Американски Држави“, изјави генералот Ден Кејн за време на брифингот во Пентагон, а беше цитиран од „Њујорк тајмс“.
Наодите се, исто така, во согласност со засебната анализа на истражувачката група од отворен тип Белингкет, која идентификуваше удар на ракета Томахавк врз објект на ИРГЦ, во близина на училиштето и извести за чад што се издигал од областа на училиштето непосредно пред ударот.
Во нападот врз Основното училиште „Шаџаре Тајибе“, што се случи на 28 февруари, се убиени повеќе од 170 лица, од кои најголем број деца, според официјалните податоци на иранските власти.
Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) го опиша убиството на учениците во Минаб како „тешко прекршување“ на заштитата на образовните установи според меѓународното хуманитарно право и повика на целосна и сеопфатна истрага. Ниту една страна засега не презеде одговорност.