Gizem Nisa Çebi Demir
09 Март 2026•Ажурирај: 10 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските воени операции против Иран се далеку од завршени, предупредувајќи дека кампањата е на почеток, додека САД и Израел продолжуваат со своите напади втора недела, пренесува Анадолу.
Во интервјуто во емисијата „60 минути“ емитувано вчера, на Си-би-ес њуз, Хегсет изјави дека способноста на Иран да покаже сила во регионот континуирано слабее.
„Неговата моќ се намалува и сè повеќе ќе се намалува. Повторно, она што сакам да го разберат вашите гледачи е дека ова е само почеток“, изјави Хегсет.
Според Пентагон, повеќе од 50.000 американски војници се вклучени во операцијата „Епски бес“, при што американската војска веќе погодила околу 3.000 цели во внатрешноста на Иран заклучно со петок.
- „Ќе има повеќе жртви“ -
Хегсет изјави дека кампањата се одвива според планот, но ги отфрли сугестиите дека таа е блиску до завршување.
„Ние целосно сме на вистинскиот пат, се оди според планот“, изјави Хегсет, додавајќи дека САД и Израел поседуваат „огромни“ воени капацитети во споредба со Иран. „Кога ќе ги споите нашите воздухопловни сили со оние на израелските одбранбени сили, тоа се две најмоќни воздухопловни сили во светот.“
Тој, исто така, го повтори барањето на претседателот Доналд Трамп за „безусловно предавање“ на Иран, нагласувајќи дека крајна цел е иранските сили да се направат целосно неспособни за продолжување на борбата.
„Значи дека војуваме за да победиме. Значи дека ние ги поставуваме условите. Ќе знаеме кога веќе нема да бидат способни за војна”, изјави Хегсет.
Овие изјави доаѓаат во време кога ескалација на регионалните тензии, по американските и израелските напади врз иранските позиции, и одмаздничките напади низ целиот Блиски Исток.
Според Пентагон, САД се подготвени да ја продолжат воената кампања колку што е потребно, додека не ја постигнат својата цел.
Хегсет, исто така, предупреди дека се очекуваат уште повеќе жртви со продолжувањето на конфликтот.
„Претседателот има право кога вели дека ќе има жртви... Ќе има сѐ повеќе жртви”, изјави тој, додавајќи дека таквите загуби „ни ги зацврстуваат 'рбетот и нашата решеност да кажеме дека ова е борба што ние ќе ја завршиме“.