Murat Ünlü
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Предизборната кампања во пресрет на претседателските избори во Франција започна денес и ќе трае до изборите што во таа земја ќе бидат одржани на 23 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Сите претседателски кандидати за време на кампањата имаат право да поставуваат билборди на јавните места предвидени за реклами, како и да спроведуваат други предизборни активности и собири во земјата.
Секој од единаесетте претседателски кандидати во предизборната кампања смее да потроши максимално 16,8 милиони евра, а двајцата кандидати кои ќе влезат во евентуалниот втор круг од изборите ќе можат да потрошат дополнителни 22,5 милиони евра.
За време на кампањата, кандидатите не смеат да примат повеќе од 4.600 евра од еден донатор.
Медиумите се должни на сите кандидати да им обезбедат подеднаков пристап до медиумскиот простор, а анкетите за истражување на јавното мислење ќе може да се извршуваат до денот во пресрет на изборите.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 23 април, а доколку никој од единаесетте пријавени кандидати не освои јасно мнозинство, двајцата кандидати со најмногу освоени гласови ќе влезат во вториот круг на избори, кој ќе биде одржан на 7 мај.
Според досегашните анкети, најголема шанса за влез во вториот круг има лидерката на радикалната десничарска партија Национален фронт, Марин Ле Пен, и лидерот на движењето „Напред!“ (En Marche) Емануел Макрон.