Ekipa
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел денес ја затвори границата со Египет, ден откако во два бомбашки напада на цркви загинаа повеќе од 40 лица во северен Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се вели дека на граѓаните не им е дозволено да влезат во Египет преку граничниот премин Таба.
На израелските граѓани, сепак, ќе им биде дозволено да се вратат во Израел преку тој премин, се додава во соопштението.
Во соопштението се вели дека овој потег се припишува на големиот број активности на милитантите на ДЕАШ во нестабилнoто подрачје на Синајскиот Полуостров, кој е туристичка атракција за израелските туристи.
Египетските власти не го прокоментираа овој потег.
Повеќе од 40 лица загинаа, а голем број се повредени во двата бомбашки напада на цркви во Египет, во моментот кога христијаните го прославуваа празникот Цветници. Одговорноста за нападите ја презеде терористичката организација ДЕАШ.
Поради нападите, египетските власти прогласија тримесечна вонредна состојба, што предизвика бура од осудувања во земјата со муслиманско мнозинство.
Израелските власти, пак, ги повикааа израелските граѓани да го напуштат Синајскиот Полуостров.
Минатиот месец, Бирото издаде предупредување за патување на Синајскиот Полуостров, кој остана епицентар на милитантното востание од 2013 година, кога Мухамед Морси, првиот слободно избран претседател на Египет, беше соборен со воен удар.
Во периодот од речиси четири години од државниот удар, стотици египетски припадници на безбедносните сили се убиени на територијата на немирниот полуостров, каде што е активна ДЕАШ, којашто дејствува поврзана со Вилајат Синај (Province of Sinai).