Ahmed Asmar
31 Август 2024•Ажурирај: 03 Септември 2024
РАМАЛА (АА) - Израелски нелегални доселеници синоќа нападнаа Палестинци и нивниот имот во различни подрачја низ окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Според палестинската новинска агенција Вафа, доселениците запалиле голема површина обработена земја која им припаѓа на Палестинците од селото Бурка, сместено источно од Рамала. Доселениците наводно дошле од соседната населба Оз Зион.
„По нападот, израелската армија влезе во Бурка, испукајќи шок бомби и солзавец кон куќите на селаните и спречувајќи ги палестинските противпожарни тимови да стигнат до опожареното место“, објави Вафа.
Во друг инцидент, еврејските доселеници презеле контрола врз извор на вода во близина на селото Беит Фурик, источно од Наблус.
На источниот Западен Брег, доселениците гаѓаа бедуинска заедница северозападно од Ерихон. Хасан Малихат, надзорник на организацијата Ал Бајдар за одбрана на правата на бедуините, изјави дека доселениците ја нападнале бедуинската заедница Арап Ал Малихат.
Тој истакна дека овие бедуински заедници се соочуваат со постојани напади од вооружени доселеници, кои сакаат насилно да ги протераат бедуинските заедници.
Нападите на израелските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег се зголемени од 7 октомври, објавија палестински извори.
Методите што ги користат нелегалните доселеници варираат од пукање до тепање, каменување возила и напади на куќи, семејства и земјоделци.
Вкупниот број на Палестинци убиени на Западниот Брег од страна на израелската армија и од доселениците од 7 октомври досега се зголеми на 673, а повеќе од 5.400 се повредени, соопшти палестинското Министерство за здравство.