Eshat Fırat
24 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја одобри изградбата на нови 2.500 станови во еврејските населби кои се наоѓаат на Западниот Брег, окупиран од страна на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на Нетанјаху даде писмено соопштение во кое се вели дека израелскиот премиер на Западниот Брег одобрил изградба на 2.500 станови, истакнувајќи „градиме, и ќе продолжиме да градиме”.
Според веста објавена во весникот „Хаарец“, најголем дел од становите ќе бидат изградени во големите еврејски населби Меали Адомим, Гош Атсијон и Араил.
И министерот за одбрана на Израел, Авигдор Либерман, зборуваше во врска со становите, изјавувајќи: „Се враќаме на животот во природа во Јахуда и Самара (Западен Брег)”, изјавувајќи дека во близина на Рамала, во еврејската населба Беит-Ел ќе бидат изградени 100 нови станбени објекти.
Нетанјаху врз основа на одлуката која на состанокот на министри била донесена во неделата, ги отстрани сите забрани за изградба на еврејски населби на Западниот Брег.
Ова е втора одлука на Израел за изградба на станбени објекти во Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако на 20 јануари на власт во САД дојде Доналд Трамп, кој ја поддржува изградбата на еврејските населби.
Израелскиот Комитет за изградба и планирање на општина Ерусалим вчера донесе одлука за изградба на 566 нови станови во Источен Ерусалим.
Претседателот на комитетот, Меир Тургеман, изјави дека ова одобрување требало да биде спроведено многу порано, но дека поради политички причини било одложено до периодот на преземање на функцијата претседател на САД на Трамп. Тој додаде дека општината Ерусалим ќе одобри изградба на уште 11.000 нови станови.
Тургеман претходно имаше изјавено дека изборот на Трамп за претседател на САД ќе отвори пат за изградба на нови еврејски населби во Источен Ерусалим.
Доналд Трамп за време на својата предизборна кампања имаше изјавено: „Изградбата на еврејските населби на палестинска територија не претставуваат пречка за мировните преговори”.
Источен Ерусалим и Западен Брег од 1967 година се наоѓаат под окупација на Израел. Во Источен Ерусалим се наоѓаат повеќе од 200.000, додека на Западниот Брег има над 400.000 еврејски доселеници. Според меѓународното право, сите еврејски населби се илегални градби.