Mahmoud Barakat
21 Октомври 2016•Ажурирај: 22 Октомври 2016
МОСУЛ (АА) - Според изјавите на децата што неодамна го напуштија Мосул, терористичката група ДЕАШ ги користи цивилите-заложници како човечки штит во рамките на тековната борба за Мосул, јавува Anadolu Agency (AA).
Децата од селото Адла, јужно од Мосул, кои неодамна избегале од канџите на терористичката група, велат дека милитантите ги убиваат сите што ќе се обидат да избегаат и им го „перат“ мозокот на локалните деца да извршуваат самоубиствени напади.
Ахмед (15) за АА изјави дека бил обучуван од страна на милитантите на ДЕАШ за борбени техники, оружја и поставување бомби.
„Бевме обучувани во нашето село“, вели Ахмет, кој го кажа само своето име поради страв од одмазда.
„Го правевме тоа што ни беше кажано, се плашевме за нашата безбедност и за безбедноста на нашите семејства“, додаде тој. Јасим, друг млад жител на Адла (кој не ја откри својата возраст), изјави дека милитантите го обучувале како да извршува бомбашки напади.
„Тие сакаа да нѐ искористат како бомбаши-самоубијци во нивните валкани војни. Ни рекоа дека ќе бидеме маченици и дека откако ќе умреме, ќе одиме во рајот“.
Во средината на 2014 година, ДЕАШ го освои Мосул заедно со оддалечените села околу градот, пред да заземе поголеми делови од територијата во западните и северните региони во земјата.
Во неделата вечер, ирачките сили поддржани од воздушните напади на коалицијата предводена од САД, започнаа офанзива за заземање на градот.
Во изминатите пет дена, терористичката група изгуби голем број села на периферијата на Мосул, како што ирачката армија и нејзините сојузници напредуваа кон градот долж повеќе оски.