Ekipa
26 Јули 2016•Ажурирај: 27 Јули 2016
БЕРЛИН (АА) – Претставниците на безбедносните сили во Германија повикаа на заострување на безбедносните контроли за барателите на азил и најавија дека ќе ангажираат дополнителен број припадници на своите сили откако во таа земја во последните десет дена се случија четири напади, од кои за два одговорност презеде терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Хорст Зехофер, министерот за внатрешни работи на Баварија, каде што се случија три напади, денес за германските медиуми изјави дека властите мораат да знаат кој се наоѓа во нивната држава и дека оваа сојузна покраина ќе вработи значително повеќе полицајци.
Томас Стробл, министерот за внатрешни работи на сојузната покраина Баден Вуртемберг, каде што напаѓачот од Сирија со мачета уби жена, исто така побара поостри контроли за барателите на азил.
„Тие што го злоупотребуваат правото на гостопримство треба да се вратат во своите матични земји, да не дојде до забуни“, изјави Стробл за германските медиуми.
Германските власти вчера соопштија дека водат истрага против 59-мина бегалци осомничени за евентуалните врски со терористичките организации.
Трите напади во Германија во последните неколку дена ги извршија мигранти. Минатата недела напаѓачот со нож и секира нападна патници во воз, ранувајќи пет лица. Во петокот, 18-годишниот Иранец од Минхен во трговски центар усмрти девет лица, од кои седуммина тинејџери, додека во неделата 27-годишен Сириец со мачета уби женско лице од Полска во Ројтлинген кај Штутгарт.
Четвртиот напад во Германија се случи во неделата навечер, кога уште еден Сириец, кому германските власти одбија да му дадат азил, со бомба се разнесе на музичкиот фестивал во Баварија при што се повредени 15 лица.