Mevlüt Özkan
26 Ноември 2025•Ажурирај: 27 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Војската на Гвинеја-Бисао денес го собори претседателот Умаро Сисоко Ембало и ги затвори копнените, морските и воздушните граници на земјата, велејќи дека открила заговор за „дестабилизација“ на земјата, јавува Анадолу.
Група воени офицери, кои се нарекуваат „Висока воена команда за враќање на националната безбедност и јавниот ред“, прочитаа соопштение во седиштето на Вооружените сили, што беше емитувано на државната телевизија ТГБ.
Офицерите рекоа дека „ја презеле целосната власт во државата“.
Војската соопшти дека реагирала на откривањето на заговор за „дестабилизација“ на Гвинеја-Бисао, кој вклучува „оперативна шема“ од национални политичари, „добро познат наркобарон“, други државјани и странци, како и обиди за манипулирање со резултатите од изборите.
Офицерите рекоа дека државната разузнавачка служба го открила планот, вклучувајќи и скриено оружје за војување.
Воената група соопшти дека го соборила претседателот Умаро Сисоко Ембало и ги затворила сите институции „до понатамошни наредби“.
Војниците ги суспендираа сите активности на медиумите, „веднаш“ го запреа тековниот изборен процес, ги затворија сите граници и воведоа деветчасовен полициски час почнувајќи од 21 часот по локално време до понатамошно известување.
Тие упатија апел западноафриканската земја да остане смирена, да соработува и да ја „разбере“ состојбата „во услови на оваа сериозна ситуација наметната од националната вонредна состојба“.
Преземањето на власта од страна на војската следува по извештаите за пукање во близина на претседателската палата.
И Фернандо Дијас, независен кандидат, и таборот на актуелниот претседател Ембало прогласија победа во понеделникот на претседателските избори одржани за време на викендот, додека земјата ги чекаше резултатите.
Францускиот радиодифузер РФИ соопшти дека Дијас и поранешниот премиер Домингос Симоес Переира, кој го поддржуваше, биле уапсени и однесени во воздухопловната база.
Переира од Африканската партија за независност на Гвинеја и Капо Верде (PAIGC), која го предводеше националистичкото движење за независност од Португалија во 1974 година, беше дисквалификуван од учество оваа година откако властите соопштија дека задоцнил со поднесување на документите.
Претходно, Ембало изјави за францускиот медиум „Жен Африк“ (Jeune Afrique) дека денес бил уапсен околу пладне додека бил во својата канцеларија во претседателската палата, а во исто време биле приведени началникот на Генералштабот на Вооружените сили, генерал Биаг На Нтан, неговиот заменик-генерал Мамаду Туре и министерот за внатрешни работи Боче Канде.
Тој рече дека против него не е употребено насилство за време на она што го нарече „пуч“ предводен од командантот на копнените сили.
Истрели се слушнати и околу пладне во близина на канцелариите на изборната комисија, објави францускиот медиум, повикувајќи се на неколку извори.
Претходно денес, Дијас ја повика војската да остане неутрална и да се држи настрана од изборниот процес.
„Ние не бараме ништо“, им рече тој на новинарите, додавајќи дека ќе ги чека официјалните резултати кои треба да бидат објавени утре.