Berk Kutay Gökmen
26 Ноември 2025•Ажурирај: 27 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 36 лица, меѓу кои еден пожарникар, загинаа денес, додека 279 лица се водат како исчезнати откако голем пожар избувна во станбен комплекс во Хонконг, јавува Анадолу.
Главниот управител на Хонгконг, Џон Ли Ка-чиу, на прес-конференција изјави дека бројот на жртви се искачил на 36.
Уште 279 лица се водат како исчезнати, додека 29 се хоспитализирани. Меѓу нив, седум се во критична состојба, рече Ли, јави „Саут Чајна Морнинг Пост“.
Ли истакна дека од седумте згради зафатени од пожарот во Ванг Фук Корт, во четири сѐ уште имало различно ниво на опожареност.
Опишувајќи го како „катастрофа“, челникот на градот Џон Ли објави дека пожарот „постепено е ставен под контрола“ до 1:20 часот наутро по локално време.
Повеќе од 140 противпожарни возила и над 800 пожарникари и болничари се распоредени за справување со пожарот, а се користат и дронови.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изрази сочувство за пожарот и повика на максимални напори за гаснење на пожарот и минимизирање на жртвите и загубите, според државната новинска агенција Синхуа.
Бирото за образование соопшти дека наставата ќе биде откажана во шест училишта во округот за утрешниот ден поради пожарот и сообраќајните метежи предизвикани од затворањето на патиштата.
Пламените јазици брзо се проширија низ бамбусовото скеле до сите осум блока во населбата Таи По откако започна пожарот.
Осум блока од комплексот, наречен Ванг Фук Корт, вклучуваат повеќе од 1.900 станови.
Полицијата беше известена околу 14 часот по локално време.
Противпожарната служба го подигна алармот за пожар на второ највисоко ниво, бр. 4, до 15:34 часот, а на највисоко во 18:22 часот.
Полицијата соопшти дека уште неколку лица се заробени во зградата каде што започнал пожарот.
Спасувачките операции продолжуваат.