Eşref Musa,Burak Karacaoğlu,Levent Tok
28 Јули 2019•Ажурирај: 29 Јули 2019
ИДЛИБ
Продолжуваат интензивните воздушни напади на силите од режимот на Башар ал Асад и Русија врз подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб. Според првичните информации, во воздушните напади на режимот врз местото Јерихон и селото Мааршурин животот го загубија 6 лица, а 18 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Кулата за набљудување, која ѝ припаѓа на сириската опозиција, информираше дека авионите на режимот на Асад од раните утрински часови спроведуваат напади врз местото Јерихон и селата Мааршурин и Темлеа во подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб, и местата Кефер Зита и Латмин во подрачјето на Хама.
Според информациите на кулата за набљудување, руски воени авиони ги нападнале селата Кефер Зита и Латмин во подрачјето на Хама.
Според информациите добиени од извори од Цивилната заштита (Бели шлемови), во воздушните напади на режимот загинале 6 цивили, а 18 се ранети, од кои 5 цивили загинаа во местото Јерихон, додека едно лице загина во Мааршурин.
Се стравува од зголемување на бројот на загинати поради продолжувањето на интензивните воздушни напади.
Од почетокот на неделата досега во воздушните напади на Русија и режимот на Асад врз подрачјата на зоната за деескалација на судирите во Идлиб, бројот на загинати се искачи на 102 цивили.

- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. Во главниот град на Казахстан, Нурсултан, во периодот од 25 до 26 април годинава се одржа 12. состанок на земјите гаранти за Сирија, меѓу Турција, Русија и Иран. Токму во тој период дојде до интензивирање на нападите, што продолжува и денес.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои припадниците на режимот на Асад и сојузниците ги извршиле од 26 април до 12 јули во зоната за деескалација на судирите во Идлиб, загинале 606 цивили, од кои 157 деца и 111 жени.