Alaattin Doğru
29 Октомври 2020•Ажурирај: 01 Ноември 2020
ПАРИЗ - Во францускиот град Авињон неутрализирано е лице кое вперило оружје кон случајните минувачи и полициското возило кое било во патрола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од полициски извори, во предградието Монтфавет, утрово во 11:15 часот едно лице со пиштол им се заканувало на случајните минувачи и на полициско возило кое било во патрола.
И покрај предупредувачкиот истрел, лицето не го предало оружјето, по што било застрелано од страна на полицијата.
Обвинителството информира дека лицето имало психолошки проблеми и дека самиот настан не претставува терористички напад.
Ова утро во близина на катедралата „Нотр Дам“ во францускиот град Ница едно лице изврши напад со нож, убивајќи 3 и ранувајќи поголем број лица.
Напаѓачот е фатен, а француското Обвинителство за борба против тероризам започна истрага во врска со настанот.