Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
17 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
ИДЛИБ
Русија, која му дава поддршка на режимот на Башар ал Асад во Сирија, изврши воздушен напад врз населените места во Зоната за намалување на тензиите во Идлиб. Во нападот животот го загубија 9 цивили, а повеќе од 10 цивили се ранети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Опсерваторијата на вооружената сириска опозиција, која ги надгледува воздушните летови, информираше дека руски воени авиони извеле воздушни напади врз местото Серакиб и селата Урејнибе, Фатире, Бсакла и Мелаџе, кои се наоѓаат во границите на Зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
Претставник на Цивилната одбрана на Идлиб информираше дека во руските напади изведени во утринските часови животот го загубиле 9 цивили, а 10 се ранети, од кои 4 во местото Серакиб, а 5 во селото Мелаџе.
И силите на режимот на Асад изведоа копнени и воздушни напади врз градот Кеференбил и местата Кебине и Маарзите, кои се наоѓаат во границите на Зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
На местата на нападите продолжува отстранувањето на урнатините од страна на екипите на Цивилната заштита.
- Изминатиот месец загинаа 75 цивили
Според податоците на сириската невладина организација „Координаторство за интервенција во Сирија“, поради нападите на режимот на Асад и неговиот поддржувач, Русија, врз населените места што спаѓаат во границите на Зоната за намалување на тензиите во Идлиб, во првата половина од овој месец раселени се приближно 40.000 цивили.
Во извештајот на Цивилната заштита се наведува дека во нападите врз цивилните населби на територијата на Идлиб од страна на режимот на Асад, Русија и странските терористички групи поддржани од Иран, минатиот месец животот го загубија 75 цивили, од кои 13 се деца.
Од потпишувањето на договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, повеќе од 1.300 цивили ги загубија своите животи во нападите на режимот и Русија во Зоната за намалување на тензиите во Идлиб.
Од местата каде што се интензивираат нападите кон местата кои се релативно потивки, особено кон териториите во близина на границата со Турција, во последната година мигрираa над 1 милион лица.