Burak Bir
17 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
АЛ БАБ (АА) - Жителите на северниот сириски град Ал Баб денес излегоа на протести поради вчерашниот напад извршен од терористичката организација ЈПГ/ПКК, во кој загинаа 18 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите се собраа пред зградата на полицијата и побараа одговорните да се изведат пред лицето на правдата.
Нападите со возила бомби се случија вчера на автобуската станица во градот Ал Баб, подрачје што турските сили го расчистија од терористите во 2016 година.
Во експлозијата изгореа голем број возила, а оштетени беа околните објекти.
Ал Баб беше расчистен од терористите на ЈПГ/ПКК во 2016 година во рамките на турската воена операција „Штитот на Еуфрат“.
Од 2016 година, Турција спроведе три големи воени операции во северна Сирија, „Штитот на Еуфрат, „Маслинова гранка“ и операцијата „Извор на мирот“, со цел расчистување на регионот од терористичките организации.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од регионот за да се формира безбедносна зона со цел безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.
На 22 октомври Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со Сирија, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.