Haydar Şahin,Heman Hussein Yaseen,Emrah Akbulak
20 Февруари 2026•Ажурирај: 20 Февруари 2026
ЕРБИЛ (АА) - ХЕМИН ХУСЕИН/ХАЈДАР ШАХИН
Институтот за лица со оштетен вид „Ронаки“, во ирачкиот град Ербил, и покрај сите потешкотии, продолжува да биде порта кон знаењето за овој дел од заедницата, пишува Анадолу.
Во училниците, движејќи ги прстите преку релјефните букви, учениците благодарение на Брајовиот систем можат независно да читаат приказни, романи, поезија и други наставни текстови.
Кога ќе заѕвони ѕвончето за голем одмор, учениците излегуваат во училишниот двор фатени под рака, заедно развивајќи ги вештините за секојдневен живот. За овие ученици, кои чекорат претпазливо, но со силни чекори, секој звук е информација, а секое ветре е патоказ за насока.
Додека учениците со оштетен вид во Институтот брзо се приспособуваат едни на други, секој чекор што го прават ги учи дека разбирањето е многу посилно од гледањето.
- Во Институтот се образуваат околу 85 ученици -
Институтот се состои од девет образовни нивоа и во него во моментов се школуваат околу 85 ученици.
Меѓу условите за прием во Институтот за лица со оштетен вид е задолжителен очен преглед, при што загубата на видот мора да биде над 65 %.Учениците тука се образуваат до деветто одделение.
Тие ја следат наставната програма која е слична на онаа во останатите училишта, а по дипломирањето можат да го продолжат своето образование во редовните средни училишта заедно со останатите ученици.
Брајовиот систем, како основен метод во образованието на лицата со оштетен вид, се издвојува како метод за читање и пишување заснован на допир. Во овој систем базиран на допир, лицата со оштетен вид ги читаат буквите и го разбираат значењето на текстот преку чувствување на испакнатите точки со врвовите на прстите. Како и кај другите образовни методи, така и лицата со оштетен вид почнуваат да ја стекнуваат вештината за читање преку овој систем уште во рана возраст.
- Недостиг на инфраструктура во Институтот -
Сепак, поради недостигот на соодветна инфраструктура во Институтот, постојат сериозни потешкотии во обезбедувањето на Брајови печатачи и специјална хартија.
Се наведува дека дел од материјалите што се користат се застарени, а пенкалата и хартијата најчесто се обезбедуваат со помош на хуманитарни организации. Надлежните истакнуваат дека релевантните државни институции не ја преземаат доволно одговорноста во оваа област.
Наставниците истакнуваат дека некои семејства се воздржуваат да ги вклучат своите деца со оштетен вид во општеството, иако поддршката од семејството е од големо значење за овие деца да стекнат самодоверба.
- „Во Институтот, повеќето образовни програми се нудат на Брајово писмо“ -
Директорот на Институтот, д-р Хасан Јусуф, во изјава за дописникот на АА даде оценка за овој систем кој беше измислен од Луј Брај во 1831 година, пристигна во арапските земји во 1954 година, а од 1980 година почна да се користи во Ербил и околните градови.
„Повеќето образовни програми (за лица со оштетен вид) се нудат на Брајово писмо. Долги години се користеше само англиското и арапското писмо, а по 2002 година почна да се користи и курдското писмо“, изјави Јусуф.
Истакнувајќи дека Брајовата хартија е различна од обичната хартија, Јусуф објасни дека при пишувањето се создава релјеф на хартијата, што им овозможува на лицата со оштетен вид да го читаат текстот со своите прсти.
Јусуф истакна дека системот се користи до ниво на средно образование и додаде: „Потоа, учениците можат да ги следат содржините на лекциите преку аудиосистеми. Тоа е затоа што пишувањето на Брајово писмо бара многу хартија, а со текот на времето релјефните точки можат да се оштетат“.
Јусуф изрази загриженост поради недоволното внимание на потребите на лицата со оштетен вид во јавните простори, истакнувајќи дека употребата на Брајовото писмо во сообраќајот, во маркетите и на сметките за електрична енергија и вода е многу ограничена.