Ahmed Asmar
25 Јули 2024•Ажурирај: 26 Јули 2024
АНКАРА (АА) – Најмалку уште 30 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа, со што вкупниот број на убиени од 7 октомври минатата година се зголеми на 39.175, соопшти денес Министерството за здравство на палестинската енклава, јавува Анадолу.
Министерството додаде дека досега во нападите се повредени најмалку 90.403 лица.
„Израелските сили во последните 24 часа убија 30 луѓе и повредија 146 во три масакри врз семејства“, истакна Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се додава.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа од нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Повеќе од девет месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, каде што постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна пресуда му се нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата воена операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.