Mücahit Oktay
23 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ЊУЈОРК (АА) - Во вооружените напади изведени во текот на викендот во американскиот град Чикаго животот го загубија 14 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што пишува „Чикаго Сан-Тајмс“ (Chicago Sun-Times), од петокот вечерта до понеделникот наутро на улиците е употребено оружје повеќе од 100 пати. Смртно настрадаа 14 лица, меѓу кои и пет малолетници. Најмалку 90 луѓе се повредени.
Во вооружените напади што се случија за време на викендот, за кој се вели дека е втор најсмртоносен викенд во модерната историја на Чикаго, застрелано е тригодишно дете додека патувало со својот татко во автомобил. Полицијата тврди дека цел бил таткото.
Во друг случај, 13-годишно девојче е застрелано додека гледало телевизија во својот дом. Пукано е од улицата, а куршумот го погодил девојчето во вратот.
Во текот на протестите, кои се одржуваат веќе три недели поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, во Чикаго загинаа 24 лица, а 61 се повредени.
Во текот на викендот ранети се и две момчиња од 15 и 16 години додека седеле на балконот. Тие се хоспитализирани.
Полицијата објави фотографии од лицата осомничени за овие напади. Некои невладини организации објавија награда од девет илјади долари за апсење на сторителите.