свет

Темнината и болката од нападите во сириски Идлиб ќе ја носи во своите очи

„Почнаа да паѓаат ракети. Една ракета ја погоди нашата куќа. Ја отворив вратата, сѐ беше во прашина. Ја прашав сопругата дали е добра. Ми одговори дека е добра, но дека од главата на Абдурахман тече крв.“

Adham Kako, Eşref Musa, Ahmad Wais, Mehmet Burak Karacaoğlu  | 19.03.2020 - Обновена : 23.03.2020
Темнината и болката од нападите во сириски Идлиб ќе ја носи во своите очи

ИДЛИБ (АА) - Двомесечното бебе Абдурхман од Идлиб, стана едно од децата чиј понатамошен живот останува во темнина поради нападите на режимот на Асад и неговите приврзаници, пишува Агенција Анадолија (АА).

Ракета лансирана од режимот и странските терористички групи поддржани од Иран неколку дена пред да се објави примирјето на 5 март, ја погоди куќата во која живееше Абдурахман и неговото семејство.

Бебето беше тешко повредено како резултат на шрапнел кој влезе во неговото десно око.

Абдурахман е однесен во болницата „Бабулхава“ на границата со Турција, но и покрај интервенцијата на лекарите, неговото оштетено око не успеа да се спаси.

На местото на изгубеното око, беше ставена протеза. Остатокот од неговиот живот ќе го продолжи со последиците од нападот.

- „Семејството чека помош“ -

Семејството кое остана без дом чека да му се помогне.

Таткото на Абдурахман, Захир Џаби, во изјавата за АА рече дека неговото дете било повредено во селото Канудје, во северозападниот дел на Идлиб, а исто така и неговата мајка загинала во истата куќа пред пет години во напад на режимот и неговите поддржувачи.

- „Лекарите побараа дозвола да го извадат окото на моето дете“ -

Тажниот татко на следниот начин го опиша инцидентот во кој Абдурахман беше повреден:

„Излегов надвор за да донесам дрва за печката. Почнаа да паѓаат ракети. Една ракета ја погоди нашата куќа. Ја отворив вратата, сѐ беше во прашина. Ја прашав сопругата дали е добра. Ми одговори дека е добра, но дека од главата на Абдурахман тече крв. Абдурахман веднаш го однесов во болница. Го прегледаа, но ми кажаа дека не е добро. Го пренесоа во болницата „Бабулхав“ [на турската граница]. По рендгенските снимки ми кажаа дека има крварење во главата и две пукнатини во черепот. Докторите го излекувааа, крварењето запре, но окото остана оштетено.“

Џаби, кој беше раселен со својата сопруга и трите деца, рече: „Лекарите ме замолија да потпишам документ за да го извадат окото на моето дете. Првиот ден не се осмелив. Не знаев што да правам од тага, но од друга страна си велев: ’Благодарам на Бога, сепак жив е.‘ Кажаа датум за операцијата. Операцијата траеше 1 час и 30 минути.“

- „Нападите нека престанат веќе“ -

„Абдурахман го изгуби едното око без никаква вина. Се молам на Бога да му овозможи добри денови на мојот син. Се надевам дека Абдурахман е последно дете кое беше повредено.“

Тажниот татко додаде: „Пред пет години, мојата 60-годишна мајка и сега мојот 2-месечен син станаа жртва на нападите. Ниту еден од нив не беше виновен. Нападите нека престанат веќе.“

- „Не можевме да ги спасиме очите на бебето“ -

Д-р Махмут Кадах, директорот на болницата каде што беше оперирано бебето, рече: „Шрапнелите предизвикале сериозно оштетување на десното око. Не можевме да го спасиме окото на бебето. Нашите офталмолози мораа да го извадат.“

Наведувајќи дека здравствената состојба на бебето е добра, Кадах рече: „Од започнувањето на граѓанската војна, децата најмногу беа изложени на нападите. Многу сериозно повредени деца кои беа извадени од под урнатините, дојдоа во нашата болница.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın