Stipe Mayiç
16 Февруари 2018•Ажурирај: 17 Февруари 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Европската комисија (ЕК) објави опсежна студија за влијанието на ознаките за рокот на траење врз фрлањето храна во Европската Унија (ЕУ). Резултатите од теренските истражувања покажуваат дека околу девет милиони тони храна годишно, што претставува 10 отсто од вкупниот износ на храна што е фрлена во ЕУ, се фрлени поради причини поврзани со ознаката за издржливост на прехранбените производи, јавува Anadolu Agency (AA).
По упатствата за донирање храна, ЕК го исполни второто клучно барање од извештајот за намалување на фрлањето и зголемување на донациите на храна, кој го напиша известувачката на Европскиот парламент (ЕП), Билјана Борзан.
Борзан рече: „Претпоставувавме дека големи количини од фрлената храна се поврзани со погрешното обележување на прехранбените производи и неразбирање на разликата меѓу „да се употреби до“ и „најдобро да се употреби до“.
Според истражувањето кое опфати 2.296 производи купени во 109 продавници на територијата на осум земји членки на ЕУ, најголем потенцијал за намалување на фрлањето храна во контекст на роковите на траење е кај млечните производи, свежите сокови и пакуваното месо и риба.
Помалку од половина од граѓаните на ЕУ ја разбираат разликата помеѓу да се „употреби до“ и „најдобро да се употреби до“, ознаки што се пропишани со европското законодавство. Иако по истекот на втората ознака, храната може да биде добра со денови, недели и месеци, таа масовно се фрла на датумот на истекување.
„Најдобро да се употреби до“ значи дека произведувачот тврди дека до тој ден производот е најквалитетен, дека, на пример, ја задржува оптималната свежина и боја.
„Голем дел од 90 милиони тони храна колку што годишно се фрла во ЕУ е во употреблива состојба и затоа ЕУ и земјите членки имаат морална и политичка обврска да преземат мерки за намалување на ова. Иако нема редови пред народната кујна, постои фактот дека речиси една четвртина од граѓаните се изложени на ризик од сиромаштија, а се работи за огромни количества храна во чие производство се потрошени ресурси како што се вода, почва, гориво и работни часови“, заклучи Борзан.