Behlül Çetinkaya
14 Јули 2018•Ажурирај: 14 Јули 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Во бомбашки напади за време на одржување на два митинга во Пакистан животот го загубија 132 лица, меѓу кои и пратеничкиот кандидат Навабзаде Сираџ Раисани, а повеќе од 230 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Во вестите објавени во пакистанските медиуми се вели дека во западниот дел од земјата, во близина на градот Мастунг, во покраината Белуџистан се случила експлозија во која животот го загубил Навабзаде Сираџ Раисани, пратенички кандидат на партијата Авами Белуџистан (БАП).
Во врска со настанот, во веста се наведува дека во нападот животот го загубиле 128 лица, меѓу кои и Раисани, а повеќе од 200 лица се повредени. Ранетите се префрлени во локалните болници и во болниците во градот Куета.
Одговорноста за нападот во Мастунг ја презеде терористичката организација ДЕАШ.
Сираџ Раисани е брат на поранешниот премиер на покраината Белуџистан, Наваб Аслан Раисани и пратенички кандидат на новоформираната партија БАП. Раисани во еден терористички напад, изведен во 2011 година, го загуби својот 14-годишен син.
Ова е најкрвав напад, извршен во Пакистан по нападот врз военото училиште во 2014 година. Во упадот во училиштето во Пешавар животот го загубија 149 лица.
- Напад во градот Бану
Вториот напад е изведен на северот од земјата, во градот Бану, на крајот од митингот на кој учествуваше Екрем Хан Дурани, поранешен министер и едно од значајните имиња на партијата Заедница на исламски работи (ЏУИ-Ф).
Во напад што беше изведен утрово, животот го загубија 4 лица од конвојот на Дурани, а 32 беа повредени. Дурани успеал да се спаси без повреди.
Дурани, кој зборуваше по нападот, рече дека експлозијата се случила по завршувањето на митингот, додека влегувал во возилото кое било опколено со членови на партијата, и истакна: „Безбедносните сили ме предупредија за заканите“.
- Расте бројот на напади на митинзи
Од почетокот на месецот досега, во Пакистан се извршени шест напади на митинзи и партиски канцеларии.
Синоќа во градот Хуздар се случи експлозија во канцеларијата на партијата БАП, во која животот го загубија 2 лица.
Изминатиот вторник, во самоубиствен напад, за време на митингот на народната партија Авами во Пешавар, животот го загубија 20 лица, меѓу кои и пратеничкиот кандидат Харун Билур. Пакистанската изборна комисија во ова подрачје изборите ги одложи за друг датум.
На почетокот од јули беа извршени два напада. Првиот беше врз канцелариите на пакистанската партија Тахрик-и Ансаф (ПТИ). Во нападот животот го загубија 10 лица, додека во вториот напад изведен следната недела, загинаа 7 лица, меѓу кои се најде и Малик Ширин Хан, кандидат на партијата Мутахида Меклис-и Амал (ММА).