Murat Karadağ
16 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
КАРАКАС (АП) - Бројот на човечки жртви во бунтовничките настани и грабежи кои се случуваат во Венецуела, како резултат на кризата со храна, се искачи на четири лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Здравствените власти од градот Мерида известија за смртта на 17-годишно момче, кое починало во текот на ноќта во една болница, откако во вторникот било рането со огнено оружје во настанатиот метеж во градот.
Во главниот град Каракас, една поголема група работници го затворила патот во близина на Претседателската резиденција, во знак на револт од недостатокот на храна. Протестантите, извикувајќи „Сакаме храна, а не манго“, беа пресретнати од страна на полицијата и единицата за Национална безбедност на Венецуела.
Роберто Брисено Леон, директорот на венецуелската Организација за набљудување на насилството, излезе со предупредување за можни понатамошни грабежи поради гладта кај населението.
„Преземените чекори се недоволни и луѓето едноставно се принудени на бунт и грабежи поради начинот на кој политичарите ја искористуваат настанатата состојба во своја полза и за лични интереси“, рече Леон, упатувајќи на недоволните превземени мерки од страна на Владата.
Според организацијата, во земјата дневно се случуваат по 10 грабежи.
Според Министерот за Прехрана, Родолфо Марко Торес, прехрамбената криза ќе биде решена со прераспределба на 70 проценти од вкупниот увоз на основни прехрамбени продукти директно до семејствата.
Распределбата на 115 тони основни продукти како ориз, шеќер, пченка и грав, според Торес, ќе биде извршена од 15.900 членови на „Комитетот за локално производство и прераспределба“ (CLAP).
Торес истакна дека, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ја опишува економската криза во земјата како „економска војна“ и пренесува дека истиот донел одлука за справување со кризата преку борба со елитните слоеви во земјата и опозицијата.
Мадуро ги обвини производителите на храна и супермаркетите во земјата за складирање на храната за да се постигне шпекулација на цената.