Ekip
17 Јули 2017•Ажурирај: 18 Јули 2017
КАРАКАС (АА) - Опозицијата во Венецуела соопшти дека повеќе од 7,1 милион луѓе се одѕваа на нејзиниот повик за неофицијален референдум, како симболичен знак на протест против планот на претседателот Николас Мадуро за измена на уставот, јавува Anadolu Agency (AA).
Аналитичарите сметаат дека бројот на гласовите е показател за големата поддршка што опозицијата ја ужива меѓу граѓаните на Венецуела, но и во дијаспората.
Меѓутоа, бројот на гласовите не надмина 7,5 милиони, колку што во 2013 година освои Мадуро, затоа што опозицијата успеа да постави само 2.000 избирачки места за симболичен референдум, кој венецуелската Влада го смета за нелегален.
Откако поддржувачите на владата на мотоцикли нападнаа едно избирачко место во западниот дел на Каракас, смртно настрада 61-годишна жена, а четири лица беа повредени.
Гласачите на симболичниот референдум одговорија на прашањата дали ќе прифатат посебно собрание што би се формирало со цел Уставот повторно да се напише, дали сакаат вооружените сили да го штитат сегашниот Устав и дали сакаат да се одржат предвремени избори до истекот на мандатот на претседателот на државата, Николас Мадуро.
Целта на референдумот е да влијае на администрацијата на Мадуро за време на економската криза и повеќемесечните антивладини демонстрации во коишто загинаа најмалку 93 лица, а повеќе од 1.500 се повредени.
Противниците на повторното пишување на уставот веруваат дека се работи за најава за диктатура.
Мадуро смета дека новиот устав е единственото решение што земјата ќе ја изведе од економската и политичката криза. Тој најави избори на коишто би требало да бидат избрани претставници на Собранието.