Ekipa
07 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
КАРАКАС (АА) - Стотици жени облечени во бело прошетаа во главниот град на Венецуела, Каракас, во знак на протест против администрацијата на претседателот Николас Мадура, кој се соочува со општествена, политичка и економска криза, јавува Anadolu Agency (AA).
„Женскиот марш против репресијата” го предводеше Лилиан Тинтори, сопругата на затворениот лидер на опозицијата Леополд Лопез, додека демонстрантите носејќи цвеќе и транспаренти, извикуваа: „ Кои сме ние? Венецуела! Што сакаме? Слобода!”.
Припадниците на полицијата и војската ги спречија учесниците на протестот да дојдат до зградата на Министерството за внатрешни работи, иако не се забележани судири ниту насилство.
Учесниците на протестот изразија негодување поради методите кои безбедносните сили ги користеа претходните недели за да ги растераат демонстрантите.
Протестот е најнов во серијата собири против владата кои траат веќе повеќе од еден месец, од кои многу беа одбележени со судири со безбедносните сили, кои користеа солзавец и гумени куршуми и со поддржувачите на Мадура.
Во тие судири досега загинаа најмалку 36 лица, а стотици беа повредени.
Масовните протести започнаа откако Врховниот суд за правда поништи уште еден обид на опозицијата која го контролира Народното собрение, да го собори легитимно избраниот претседател Николас Мадура.
Мадуро го обвини САД и неговите сојузници за помагање на венецуелската опозиција.