Ayşe Aktaş
11 Мај 2017•Ажурирај: 11 Мај 2017
КАРАКАС (АА) - Во главниот град на Венецуела, Каракас, се одржа протест против владата, каде што во судирот меѓу провладината милиција и демонстрантите загина едно лице, а голем број се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Безбедносните сили со водени топови и со солзавец интервенираа против демонстрантите кои маршираа кон Врховниот суд. Исто така, и припадниците на провладината милиција се обидуваа да ги спречат демонстрантите.
Дваесет и седумгодишниот Мигел Кастиљо го загуби животот кога еден маскиран припадник на милицијата испукал предупредувачки истрел во воздух, а во судирот беа повредени 93 лица.
Во меѓувреме, надлежните соопштија дека починал и Андерсон Дугарте, кој во понеделникот беше застрелан и тешко ранет во демонстрациите во Мерида.
Вкупно 38 лица загинаа во антивладините демонстрации кои започнаа во почетокот на април и сѐ уште траат, а околу 1.000 лица се ранети. Досега над 1.300 лица биле приведени во протестите.
Социјалното незадоволство во Венецуела предизвикано од недостатокот на храна, високата инфлација и зголемената стапка на криминал, прерасна во улични демонстрации кога Уставниот суд контролиран од страна на Владата, која ја предводи претседателот Николас Мадуро, на 31 март соопшти дека ги укинува надлежностите на Конгресот.
Демонстрантите кои одлуката на судот ја опишаа како нов чекор за воведување диктатура во земјата, бараат оставка од владата и да се оди на избори. И покрај повлекувањето на судската одлука, протестите сѐ уште продолжуваат, а Мадуро на 1 мај започна иницијатива за формирање посебен совет кој поворно ќе го напише Уставот, но тоа предизвика засилување на демонстрациите.