Ekip
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
КАРАКАС (AA) – Илјадници Венецуелци вчера маршираа во центарот на Каракас, во знак на протест против владата на претседателот Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
Интервентната полиција се распореди, а потоа со солзавец и со водени топови настојуваше да го запре опозицискиот марш.
„Ова е дивјачка репресија против илјадници и илјадници луѓе кои ги бранат Венецуелците“, порача преку „Твитер“ лидерот на опозицијата, Енрике Каприлес.
Во април, опозицијата организираше седум протести на кои бараше предвремени избори за Мадуро да биде симнат од власт.
Според информациите од кабинетот на правобранителот, во бранот на протестите, кои започнаа кон крајот на март, досега загинаа 26 луѓе, меѓу кои и четири малолетни лица.
Во говорот, во вторникот вечерта, Мадуро рече во протестите загинале 29 лица, но не наведе повеќе детали.
„Ќе го победиме насилството и овој државен удар“, рече Мадуро.
Бранот протести започна кога Врховниот суд на 30. март ја презеде власта над Народното собрание, кое беше под контрола на опозицијата. Судот таа одлука ја поништи три дена подоцна, но илјадници опозициски демонстранти веќе беа на улиците.
Опозицијата ги обвинува безбедносните сили дека на брутален начин се обидуваат да спречат мирните маршеви.
Владата, од друга страна, вината ја префрла на опозицијата, односно вели дека таа поттикнува насилство за да ја дестабилизира владата на Мадуро.