Ekip
05 Мај 2017•Ажурирај: 06 Мај 2017
КАРАКАС (АА) - Провладините и антивладините демонстранти се судрија вчера во Венецуела, со што продолжија насилните демонстрации во земјата, јавува Anadolu Agency (AA)
Венецуела е погодена од општествена, економска и политичка криза, а новиот бран протести започна на 4. април, кога Врховниот суд го презеде овластувањето над Народното собрание, кое е под контрола на опозицијата. Иако судот набрзо ја смени одлуката, протестите не престанаа.
Стотици полицајци и припадници на националната гарда вчера го спречија обидот за студентски марш, опколувајќи го Централниот универзитет на Венецуела од каде што студентите планирале да тргнат кон зградата на Министерството за внатрешни работи.
Демонстрантите повеќе од еден час безуспешно преговараа за да излезат од кампусот, но притоа безбедносните сили на масата почнаа да фрлаат солзавец и да пукаат со гумени куршуми.
Опозициските партии и студентите ја осудија тактиката на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата. Студентските лидери тврдат дека од последното официјално соопштение објавено во понеделникот загинале најмалку шест лица, со што вкупниот број на настраданите во протестите достигна 37 лица.
Протестите се интензивираа на почетокот од оваа недела, кога студентите го отфрлија декретот на претседателот Николас Мадуро, со кој се преработува Уставот што во 1999 година го имплементираше многу популарниот поранешен претседател Хуго Чавез.
Мадуро истакна дека се неопходни промени за да се врати мирот во земјата.
Опозицијата ја обвинува владата за економската криза и бара предвремени избори и ослободување на повеќе од 100 политички затвореници. Тие тврдат дека одлуката за преработување на Уставот е обид да се оттргне вниманието од проблемите во земјата и да се одложи одржувањето на вонредните избори.
Според податоците на Венецуелскиот казнен форум, групата што го следи затворскиот систем и затворениците, во протестите досега се повредени повеќе од 400 лица, а околу 1.700 се во притвор.