Ekipa
16 Јуни 2016•Ажурирај: 17 Јуни 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Бренан, денес пред Конгресот ќе истакне дека припадниците на терористичката организација ДАЕШ обучуваат и се обидуваат да ги распоредат своите оперативци на Западот поради понатамошни напади, како и дека ќе се ослонуваат на герилски тактики со цел да ги надокнадат територијалните губитоци, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јавуваат американските медиуми, во забелешките подготвени за Разузнавачкиот комитет на Сенатот, Бренан истакнува дека ДАЕШ работи на изградба на апарати за насочување и инспирирање на напади на страна на непријателите, како што се последните напади во Париз и Брисел, за кои ЦИА верува дека се по дирекција на ДАЕШ.
„ДАЕШ има голем кадар на западни борци кои би можеле да послужат како оперативци за напади на Западот”, изјави Бренан и додаде дека групата најверојатно работи на тоа оперативците да се прокриумчарат во земјите на Западот, можеби низ бегалкскиот бран или преку легитимни начини на патување.
Тој наведе дека ДАЕШ постепено сè повеќе ги вмрежува своите ограноци, од кои огранокот во Либија е најверојатно најнапреден и најопасен. Бренан тврди дека ДАЕШ се обидува да го зголеми своето влијание во Африка, и дека огранокот на Синај стана најактивна и најспособна терористичка група во Египет.
ДАЕШ го нарече „силен противник” , но истакна дека коалицијата предводена од САД напредуваше во борбата против таа група, која мораше да предаде големи делови од териториите во Ирак и Сирија и изгуби одредени лидери во воздушните напади.
„За жал, и покрај напредокот во борбата против ДАЕШ на бојните полиња и на финансиски домен, нашите напори не ги намалија терористичките способности и глобалниот досег на групата. Всушност, како што притисокот на ДАЕШ расте, таа група ја зајакнува својата глобална терористичка кампања со цел да остане доминантна на глобалната терористичка агенда” , заклучи директорот на ЦИА.