Ekip
02 Јули 2022•Ажурирај: 05 Јули 2022
РИМ (АА) - Посетителите на еднодневните излети од идната година ќе мораат да платат надомест од 10 евра за влез во италијанскиот град Венеција, едно од светските чуда што веќе долго е оптоварено со прекумерниот туризам, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мерката, што во петокот ја објави Градскиот совет на Венеција, ќе стапи на сила на 16 јануари 2023 година.
Туристите кои престојуваат преку ноќ, децата на возраст до 6 години, сопствениците на куќите за одмор, лицата кои престојуваат кај локалното население, студентите, деловните луѓе и неколку други категории ќе бидат изземени од оваа одлука.
Симоне Вентурини, градски советник за туризам, го нарече новиот систем „единствен начин“ за контрола на масовниот туризам.
„Тоа е важен чекор, тоа е клучна фаза и ние сме први во светот кои го сторија тоа“, рече Вентурини.
Влезницата за Венеција ќе се движи од 3 до 10 евра, во зависност од тоа колку градот е зафатен.
Вентурини најави и поскапување на јавниот превоз и на влезниците за туристичките атракции. Од 1 септември единечната карта за траект ќе поскапи од 7,5 на 9,5 евра, додека влезот во музејот на Св. Марко наместо досегашните 25 евра ќе изнесува 30 евра.
Тој подвлече дека не станува збор за потполно затворање на градот во текот на исклучително зафатената сезона, како што е тоа во периодот на карневалот во февруари.
„Градот секогаш останува отворен, но доколку го достигнеме прагот... и понатаму можете да дојдете, но ќе платите малку повеќе“, рече Вентурини.
Резервациите ќе се прават преку интернет, а тим од 15-20 инспектори ќе патролираат по градските улици, мостови и плоштади во потрага по прекршители, кои ќе се соочат со казни од 50 до 300 евра.
Туризмот е главна гранка на Венеција, а постојаниот прилив на туристи го прави градот сѐ поскап и помалку гостопримлив за локалното население, што се рефлектира со сѐ помал број мештани, кои сега ги има околу 50.000.