Barış Seçkin
10 Септември 2017•Ажурирај: 11 Септември 2017
РИМ (АА) - Наградата „Златен лав“ на 74. Интернационален филмски фестивал во Венеција беше доделена синоќа на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо за филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water), јавува Anadolu Agency (AA).
Со прогласувањето на најдобрите остварувања и со доделувањето на наградите, синоќа во Венеција заврши 74. филмски фестивал.
За најдобар филм прогласено е делото на мексиканскиот автор Гиљермо дел Торо „Обликот на водата“, што претставува приказна за љубовта нема девојка и необично суштество.
„Сребрен лав“ во категоријата за најдобар режисер доби Французинот Ксавиер Легранд за филмот „Jusqu'a la Garde“. Израелскиот режисер Семјуел Моаз ја доби наградата на жирито за филмот „Фокстрот“, а специјалната награда на жирито отиде во рацете на режисерот Ворвик Торнтон за остварувањето „Слатка Земја“ (Sweet Country).
Во категоријата за најдобра машка улога е награден палестинскиот актер Камел ал-Баша за улогата во филмот „Навреда“ (The Insult), додека наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на британската актерка Шарлот Ремплинг за улогата во филмот „Хана“.
Венецијанскиот филмски фестивал е меѓународен филмски фестивал, воедно и најстар во светот. Првиот фестивал одржан е во 1932 година во рамките на венецијанското биенале. Од 1934 година се одржува секоја година кон крајот на август и почетокот на септември, во историската Палацо дел Синема, на венецијанскиот остров Лидо. Фестивалот не се одржуваше од 1943 до 1945 година, потоа во 1973 и од 1977 до 1978 година.