AP
27 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
ВЕЛИНГТОН (АА) - Со татнеж и повремено исфрлање чад и лава, вулканот се заканува дека ќе експлодира, поради што повеќе од 7.000 лица ги напуштија своите домови, а властите мораа да прогласат вонредна состојба на островската земја Вануату во Тихиот Океан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вулканот Манаро на островот Амбае веќе подолго време е активен, но неодамнешното зголемување на активноста предизвика страв од голема ерупција. На островот живеат околу 10.000 жители, а селаните кои живеат во близина на вулканот се преместени во училиштата и во салите во помалку загрозените источни и западни региони на Амбае.
Шадрак Велегтабит, директор на Канцеларијата за управување со катастрофи на Вануату, денес изјави дека бродот со храна, вода и со други основни намирници веќе стигнал на островот. Тој додаде дека в петок ќе пристигне уште еден брод.