Ekip
02 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
КИГАЛИ
Судот во трговскиот главен град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, вчера го осуди телевизискиот презентер за величање на силувањето, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На Ив де М’Бела му беше изречена едногодишна условна затворска казна затоа што побарал од осудениот силувач кого го поканил во својата емисија да симулира сексуален напад користејќи кукла, објави локалниот весник „Фратмат“.
„Човекот што се појави во шоуто беше осуден на две години затвор“, се вели во соопштението.
Судот, исто така, го казни М’Бела со 2 милиони франци (околу 3.620 американски долари) и му забрани да го напушти Абиџан на една година.
Програмата беше емитувана од приватниот канал Nouvelle Chaine Ivoirienne (NCI), каде што водителот М’Бела, наводно, побарал од својот гостин, користејќи женска кукла, да покаже како силувал жени.
Преносот предизвика осуда на платформите за социјални медиуми во Брегот на Слоновата Коска и онлајн петиција со која се бара М’Бела да биде казнет, а откажувањето на неговото шоу досега е потпишано од околу 50.000 луѓе.
На емитуваната снимка се гледа како М’Бела, смеејќи се, му помага на гостинот да ја наместат куклата.
Тој дури го замоли да детализира како ги избирал своите жртви и дали бирал „слаби или дебели“ и дали тие „уживале во тоа“.
Во соопштението Независниот совет за комуникации на земјата објави дека го суспендирал М’Бела на 30 дена, обвинувајќи го за употреба на непристојни зборови во шоуто, прифаќање силување и напад на достоинството на жените.
Извинувањето на водителот во долга објава на Фејсбук не го намали гневот на луѓето. Вчера, речиси десетина жени се собраа пред телевизијата, барајќи од раководството да одвои време да им даде глас на жртвите на силување и да ја подигне јавната свест за сексуалното насилство.
Во извинувањето М’Бела призна дека „направил грешка“, но тврди дека ја подигал свеста.
„Искрено ми е жал што ги шокирав сите додека се обидував да ја подигнам свеста“, напиша тој на Фејсбук.
Станицата исто така се извини и ја откажа последната епизода од емисијата, која беше закажана да се емитува в петок.