Zehra Ulucak
22 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
ГВАТЕМАЛА (АА) - Поранешниот војник на Гватемала е осуден на затворска казна од 5.130 години поради злосторствата сторени во Граѓанската војна која во оваа земја се случи во втората половина од минатиот век, јавува Anadolu Agency (AA).
Осудениот 66-годишен Сантос Лопез Алонзо се товари дека учествувал во масакрот во селото Лас Дос Ерес, во кој пред 35 години се убиени речиси 200 граѓани.
За време на Граѓанската војна во Гватемала, во периодот од 1960 до 1996 година се убиени повеќе од 200.000 лица, најмногу од етничката група Маја.
Најбруталните злосторства на Војската, кои ги поддржуваа и САД, се случија во 1982 година за време на диктатурата на Ефраин Риос Монт. Тогаш се случи и злосторството во селото Лас Дос Ерес, во кој војниците силуваа жени и убија речиси 200 граѓани.
Осудениот Алонзо со себе зел и посвоил едно петгодишно момче, чии родители се убиени во тој масакр.
Со уште тројца војници побегнал во САД, а американските власти го испорачаа на Гватемала пред две години.
Неговите двајца пријатели и понатаму се наоѓаат во американскиот затвор, а друг војник претходно е испорачан на Гватемала и осуден на затворска казна во траење од 6.000 години.