Ömer Tuğrul Çam
20 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
БРИСЕЛ (АА) - Во Белгија во тек е операција за пронаоѓање на војник, радикален десничар кој со тешко оружје избегал од својата единица во Белгија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Четириесет и шестгодишниот војник Јурген Конингс избегал од базата во која бил на должност, крадејќи противтенковски ракети, тешки митралези и муниција. По овој настан, во многу делови на Белгија започнати се операции за пронаоѓање на војникот, за кого претходно е утврдено дека има радикални десничарски ставови.
Се дознава дека Конингс испраќал писма со заканувачки пораки до вирусологот Марк Ван Ранст, кој ја координира борбата против епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Белгија, и до неговото семејство. Ван Ранст и семејството се префрлени на безбедно место.
Стравувајќи дека Конинг би можел да изврши напад врз Ван Ранст и неговото семејство, претставници на специјалните оперативни единици биле испратени во шумската област во близина на градот Лимбург под сомнение дека Конинг се крие таму. Полицијата го пронашла возилото на дезертерот. Соопштено е дека во возилото биле пронајдени четири противтенковски ракети.
Се претпоставува дека Конингс, сепак, бегајќи пеш во шумата со површина од 12.000 хектари, со себе понел тешко оружје и муниција.
Локалното население е предупредено да не оди во шумската област која е природен парк.
- Џамиите во регионот се затворени од претпазливост -
Поради можноста војникот во бегство да изврши терористички напад, џамиите околу Лимбург, регионот во кој тој избегал, се привремено затворени од превентивни причини.
Белгиската полиција упати предупредување некои џамии да бидат со заклучени врати за време на молитвите.
Откако Јурген Конингс дезертира со тешко оружје, се постави прашањето како војници со радикални погледи сè уште можат да служат во Белгиската армија.
Откако дезертирал, на виделина излезе податокот дека Конингс, поради неговите крајно десничарски ставови е прикажан како „можна терористичка закана“ од страна на Координативното тело за анализа на закани, кое ги проценува терористичките закани во Белгија. Се соопштува дека покрај Конингс, уште околу 30 припадници на војската биле набљудувани поради нивните симпатии кон екстремно десничарските групи.
Се забележува дека такви лица не треба да имаат пристап до оружје, додавајќи дека во тек е истрага за тоа како Конингс дошол во контакт со оружјето. Белгиското Министерство за одбрана соопшти дека се идентификувани тој вид војници, но дека заканата од нив била минимална.