Ekipa
22 Ноември 2018•Ажурирај: 23 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини, која престојува во посета на Анкара, ја поздрави денес одлуката на Турција за интензивирање на реформите и зајакнување на односите со Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини и еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денес се во посета на Турција, во чии рамки се сретнаа со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу.
По состанокот, во рамки на политичкиот дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Турција, беше одржана заедничка прес-конференција.
Високата претставничка на ЕУ, Могерини, во оваа пригода истакна дека денес во Анкара е објавен еден позитивен, конструктивен, плодоносен и искрен разговор.
Потсети дека Турција е земја кандидат за членство и важен стратешки партнер на ЕУ, и подвлече дека односите на двете страни се од големо значење за ЕУ, Турција, регионот, но и за глобалната надворешна политика.
„Турција и претседателот Ердоган лично, одиграа многу значајна улога кога станува збор за преговорите и имплементацијата на Договорот на тема Идлиб. Дијалогот на темата за нашите заеднички активности во Сирија ќе биде тема на следниот состанок. Но она што сакам да го нагласам е дека Турција одигра значајна улога во преговорите и имплеменацијата, со цел да се спречи една голема хуманитарна трагедија и со цел да се отвори патот за политичка перспектива во контекст на решавање на оваа криза“, рече Могерини.
Таа нагласи дека ја поздравува одлуката на Турција за интензивирање на реформите и зајакнување на односите со Европската Унија.
Додаде дека ЕУ изразува почит кон Турција која до денес ги отвори вратите за над 4 милиони бегалци, и порача дека ЕУ во овој контекст ќе продолжи со пружањето поддршка на Турција.
Кратко се осврна и на случајот за убиството на саудискиоит новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен на 2 октомври оваа година во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Нагласи дека ставот на ЕУ по ова прашање од самиот почеток е ист, односно дека ЕУ бара спроведување на транспарентна истрага.
Могерини порача дека оние кои навистина се одговорни за убиството на Кашоги, треба за тоа да одговараат.
Комесарот Хан, истакнувајќи дека Турција и ЕУ се блиски соседи, укажа на значењето на стабилните и конструктивни разговори помеѓу двете страни.
„Во последните две години нашите односи не беа секогаш лесни, но на политичко и техничко ниво управувавме со нашите односи“, рече Хан.
Додаде дека во наредниот период ќе биде продолжен блискиот дијалог, со цел јакнење на односите, односно нивно подигнување на највисоко ниво.