Murat Temizer
22 Ноември 2018•Ажурирај: 24 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Руската енергетска компанија „Гаспром“ ќе ја прошири втората линија на гасоводот „Турски тек“ кон Бугарија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рускиот весник „Комерсант“ денес објави дека рускиот гас ќе се пренесува од Турција кон Бугарија, Србија, Унгарија и Словачка.
Почетокот на испорачувањето на природен гас за Бугарија и Србија се очекува за 2020 година, додека доставувањето на гасот за Унгарија се очекува да започне во 2021 година. Оваа опција за рутата преку овие земји значи дека испораките на природен гас преку Украина ќе се избегнат.
Украина, заедно со уште неколку европски земји, се спротивставуваше на изградбата на втората линија од „Турски тек“, велејќи дека тоа ќе доведе до зголемување на монополот на Русија на европскиот пазар за природен гас.
Новата предложена рута го следи истиот правец како и откажаниот проект „Јужен тек“ во 2014 година. Иако приговорите за проектот во Европа најверојатно ќе продолжат, руската компанија работи во согласност со Законот за конкуренција на Европската Унија. Овој закон го промовира одржувањето на конкуренцијата во рамките на единствениот европски пазар, со регулирање на антиконкурентското однесување од страна на компаниите, со цел да се осигура дека тие не создаваат монополи кои ќе ги нарушат интересите на општеството.
„Турски тек“, кој се состои од две линии, ќе има вкупен капацитет од 31,5 милијарди метри кубни (bcm).
Турција ќе добива 15,75 милијарди метри кубни гас, додека останатиот капацитет ќе биде испорачуван во Европа.