Ebru Şengül
26 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Заменик-министерот за енергетика и индустрија на Албанија, Илир Бејта, во разговор за Anadolu Agency (AA) соопшти дека работите за проектот на Трансјадранскиот гасовод (ТАП) се во тек, со изградбата на две станици за компресори.
Бејта во разговорот за АА, вели дека поставувањето на гасоводот започнало на три локации во Албанија, а се очекува да заврши до 2018 година.
„Мислам дека до 2018 година поставувањето ќе заврши, но моментално се вршат работи во станиците за пумпите со компресор. Во меѓувреме, чекаме да земеме лиценца за подводните работи во морето, со коишто веднаш ќе започнеме“, изјави Бејта.
Проектот ТАП има за цел да го спои гасоводот на природен гас, Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП) во границата Грција – Турција и да помине преку јужниот дел на Грција во Албанија, преку Јадранското Море, на територијата на јужна Италија, каде што ќе се спои со италијанската мрежа на природен гас, која е управувана од страна на компанијата „Снам“.
Целиот проект е долг 878 километри, со почетен капацитет од 10 милијарди кубни метри годишно, а преку него ќе се транспортира гасот на Азербејџан до некои европски пазари.
Бејта посочи дека проектот ТАП ќе ѝ помогне на економијата на Албанија, така што преку неговата реализација ќе влезат инвестиции поголеми од една милијарда евра.
„Сите овие пари ќе влезат во економијата, а инвестициите ќе ги направат албанските компании“, нагласи тој.
Според него, на проектот моментално се вработени околу 2.000 лица, кои се ангажирани во секторот за транспорт, животна средина, градежништво, и 90 отсто од вкупниот број на вработените се Албанци.
Бејта истакна дека во долгорочен период, бројот на вработените може да достигне до 3.000 или повеќе.
„Во последната фаза на изградбата се предвидува дека бројот на вработените ќе достигне меѓу 5.000 и 7.000 лица“, додаде Бејта. Според него, кога ќе заврши проектот бројот на постојано вработените ќе биде околу 700.
За прашањето дали Албанија ќе увезува гас од ТАНАП, тој одговори дека Албанија нема да увезе гас од 10-те милијарди кубни метри што првично ќе бидат испратени до европските потрошувачи.
„Гарантирани ни се 0,3 милијарди кубни метри, само за термоцентралата во Валона“, пренесе Бејта.
- Инвестициите на турските компании
Албанскиот министер ги поздрави инвестициите што турските компании ги направија во секторот енергетика, рударство и рафинерија, како и во повеќе други сектори во земјата.
Тој вели дека електричната енергија произведена во централите изградени од страна на турските компании може да се извезува во Турција, и додаде дека нема ограничувања за овие компании.
„Ние не наплаќаме за извозот, ниту за прекуграничните даноци, и немаме ДДВ или пак царина. Имаме соодветни интерконекции коишто го прават лесен извозот во Грција, преку Косово и Бугарија, преку Црна Гора. Постои можност за извоз или во Турција, или во некои други соседни земји. Може да направат добар бизнис во Албанија“ истакна Бејта, и рече дека Албанија е земја каде што цената на електрична енергија е ниска, затоа што има висок водостој во текот на целата година.
Албанскиот министер нагласи дека Турција и Албанија не се соседни земји, и додаде дека иако соработката во секторот за електрична енергија е многу полесен за земјите коишто граничат, сепак тој верува дека соработката во оваа област со земјите кои не граничат ќе биде од корист за сите засегнати страни.