Ekipa
20 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија денеска побара од земјите членки на Европската Унија (ЕУ) да ја намалат употребата на природен гас за 15 проценти до следната пролет поради стравувањето дека Русија ќе го прекине снабдувањето на Блокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Русија нѐ уценува, Русија ја користи енергијата како оружје“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата презентирајќи го зимскиот план за вонредни состојби на извршното тело на ЕУ.
Според Фон дер Лајен, постои „веројатно сценарио за целосен прекин на гасот“, па затоа „Европа треба да биде подготвена“.
Предлогот на Европската комисија „Заштеди гас за безбедна зима“ бара од земјите членки на ЕУ да ја намалат побарувачката на гас за 15 проценти помеѓу 1 август 2022 и 31 март 2023 година.
„Засега документот значи правно необврзувачка препорака за земјите членки на ЕУ доброволно да ја намалат потрошувачката на гас“, објасни потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.
„Но ако ситуацијата се влоши, Европската комисија ќе може да побара задолжителни намалувања од земјите членки на ЕУ ако нацртот помине“, додаде тој.
Планот има за цел „да избегне целосна криза следната зима“, тврди Тимерманс.
Според Европската комисија, снабдувањето со гас на 12 земји членки на ЕУ веќе е погодено од делумни или целосни прекини како одмазда на Русија поради санкциите на Блокот.
ЕУ воведе шест пакет-санкции против Русија откако таа ја започна војната во Украина на 24 февруари.