Alma Çekovic
01 Март 2018•Ажурирај: 02 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, смета дека криптовалутите како што е биткоинот, директно предизвикуваат смрт, наведувајќи дека дигиталната валута значително ја олеснува можноста за купување дрога, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот милијардер одговарајќи на прашањата од корисниците на Reddit во рубриката „прашајте ме што било“, изјави дека анонимноста на дигиталните валути значи дека се поврзани со финансирање тероризам и перење пари.
„Главната карактеристика на криптовалутата е нивната аноимност. Не верувам дека ова е добра работа. Способноста на владата да открие перење пари, затајување данок и финансирање тероризам претставува добра работа“, изјави Гејтс.
Гејтс смета дека криптовалутите се користат за купување фентанил, потентен синтетички наркотичен аналгетик, како и останати дроги.
„Криптовалутите претставуваат ретка технологија која предизвикува смрт на директен начин“, изјави Гејтс.
Некои го критикуваа поради таквото мислење, наведувајќи дека е слабо информиран за технологијата.
Би-би-си потсети дека Гејтс немал отсекогаш таков став за дигиталните пари. Тој во 2014 година во едно интервју изјави дека биткоинот е подобар од валутата.
Порастот на вредноста на криптовалутата ги поттикна владите низ светот внимателно да го согледаат нејзиното влијание врз економијата и граѓаните.