Burak Bir
21 Ноември 2024•Ажурирај: 22 Ноември 2024
ЛОНДОН (АА) - Белгија објави дека целосно го поддржува почитувањето на меѓународното право и Меѓународниот кривичен суд (МКС), додавајќи дека ќе ги почитува своите обврски според Римскиот статут во случај кога бараното лице од потерница е на нејзина територија, пренесува Анадолу.
Потврдата доаѓа по одлуката на МКС да издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант под обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото.
На прашањето на Агенција Анадолу како ќе постапи Белгија по пресудата на МКС, портпаролот на Министерството за надворешни работи рече дека одговорноста за спроведувањето на налозите за приведување издадени од МКС останува на државите.
Повикувајќи се на членот 86 од Римскиот статут, кој вели дека државите потписнички на овој договор имаат законска обврска целосно да соработуваат со МКС, портпаролот рече дека Белгија во потполност го поддржува почитувањето на меѓународното право и независната работа на МКС.
„Затоа, ако некое лице по кое е распишана потерница за приведување се наоѓа на белгиска територија, белгиските власти ќе ги почитуваат своите обврски од Римскиот статут“, додаде тој, без да ги спомене двајцата израелски функционери.
Многу земји и меѓународни организации во четвртокот ги поздравија налозите за приведување и изразија поддршка за МКС.
Во голем број реакции на оваа вест беше истакната и важноста од почитување на меѓународното право и се повикаа сите држави и страни во судот да ги почитуваат неопходните законски обврски.
Налозите за приведување доаѓаат повеќе од една година по почетокот на израелската смртоносна офанзива на Појасот Газа во која се убиени приближно 44.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 103.000 се повредени од 7 октомври минатата година.
Израелските напади внатрешно го раселија речиси целото население на териториите во услови на постојана и намерна блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, туркајќи го населението на работ на глад.