Ayhan Şimşek
21 Ноември 2024•Ажурирај: 22 Ноември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германската влада која е про-израелски ориентирана се соочува со зголемен притисок да ја прекине поддршката за администрацијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху по одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавање налог за приведување на израелскиот лидер, известува Анадолу.
„Овој налог за приведување претставува шлаканица за канцеларот Олаф Шолц и министерката за надворешни работи Аналена Баербок“, рече Сахра Вагенкнехт, истакната левичарска политичарка, лидерката на партијата Сојуз на Сахра Вагенкнехт (ССВ).
Таа се огласи на социјалните мрежи и ја повика германската Влада веднаш да воведе ембарго за оружје кон Израел.
„Што е потребно повеќе за федералната влада да ја прекине својата поддршка на воените злосторства на владата на Нетанјаху во Газа?“, рече лидерката на левичарската партија ССВ.
Германската влада силно го поддржува Израел сите овие месеци, а Шолц постојано ја нагласуваше посебната одговорност на Германија за безбедноста на Израел поради нацистичкото минато на земјата.
Берлин ја продолжи продажбата на оружје на Израел во октомври, и покрај меѓународната загриженост за геноцидната воена кампања во Појасот Газа.
Левичарската пратеничка Никол Голке ја повика владата да преземе итни мерки.
„Налозите за приведување против Нетанјаху и Галант се важни знаци дека израелските воени злосторства ќе имаат последици. Очекувам дека германската влада конечно ќе престане со својата фатална поддршка во воените злосторства на израелската влада“, рече Голке.
Гласови на несогласување се појавија и во владејачката коалиција.
Изабел Кадемартори, пратеничка од владејачката Социјалдемократска партија (СПД), ги повтори повиците за прекин на извозот на оружје во Израел.
„Владата мора веднаш да престане да му доставува оружје на осомничениот воен злосторник Нетанјаху“, објави Кадемартори на платформата X.
Германија сѐ уште не излезе со официјална изјава во врска со одлуката на МКС.
Меѓународниот кривичен суд во четвртокот објави дека издал налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства извршени на палестинските територии, вклучувајќи го и Појасот Газа.
Налозите за приведување доаѓаат повеќе од една година по почетокот на израелската смртоносна офанзива на Појасот Газа во која загинаа околу 44.000 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 103.000 беа повредени од 7 октомври минатата година.
Израелските напади внатрешно го раселија речиси целото население на териториите во услови на постојана и намерна блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, туркајќи го населението на работ на глад.