Aida Cako
13 Октомври 2025•Ажурирај: 13 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Израелските сили денеска распоредија оклопни возила и ги засилија безбедносните мерки околу воениот затвор „Офер“ во близина на Рамала, на Западниот Брег, во пресрет на ослободувањето на палестинските затвореници во рамките на договорот за размена на заложници и затвореници, јавува Анадолу.
Семејствата на палестинските затвореници се собраа пред затворот, со надеж и возбуда, чекајќи да ги прегрнат своите најблиски кои треба да бидат ослободени во текот на денот.
Израел денес почна да ги ослободува палестинските затвореници во согласност со договорот за прекин на огнот во Газа.
Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници, управувана од Хамас, соопшти дека автобусите со ослободените затвореници од затворот „Офер“, тргнале кон градот Бејтунија, западно од Рамала, на окупираниот Западен Брег.
Автобусите со ослободените затвореници, исто така, се движат од затворот „Негев“ во Јужен Израел кон Појасот Газа, соопшти Канцеларијата.
Процесот на ослободување на затворениците почна откако Хамас предаде 20 живи израелски заложници според првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа.