Ata Ufuk Şeker
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
БРИСЕЛ (АА) - Со билатералниот договор постигнат помеѓу Белгија и Холандија од денес стапи во сила новата меѓународна граница на реката Meза, јавува Anadolu Agency (AA).
Белгија и Холандија со преговори ja разменија територијата и трајно ги решија административните и безбедносните проблеми во подрачјето на брегот на реката Меза.
Денес во сила стапи договорот за воспоставување нова граница на дел од реката која досега личеше на буквата „ѕ“, а од денес таа е права линија.
Прашањето за потребата од ревидирање на договорот за границата помеѓу Холандија и Белгија на дневен ред дојде пред четири години, кога на белгиска територија на спротивната страна од брегот на реката беше пронајден обезглавен труп, а белгиските власти беа соочени со административни проблеми во однос на пристапот кон овој терен.
Телото е пронајдено на северниот брег на кој холандската полиција не влегува, а белгиската полиција нема копнен пристап туку мораше под лоши временски услови со чамци да премине со цел да изврши увид.
Белгија преку договор се откажа од тој дел од територијата која изнесува околу 15 фудбалски игралишта, а Холандија за возврат на Белгија ѝ отстапи многу помал дел од земјата, на јужниот брег на реката Meза.
Отсечените делови од територијата на двете страни од реката се познати како оази на криминалот, меѓутоа и на тоа му дојде крајот, бидејќи со договорот меѓународната границата од 1843 година е сменета, сега и холандската и белгиската полиција може да ги елиминира овие незаконски ќелии на брегот на реката Meза.