Övünç Kutlu
21 Октомври 2021•Ажурирај: 22 Октомври 2021
АНКАРА
Белата куќа соопшти дека планира да вакцинира деца помеѓу 5 и 11 години против коронавирусот, план кој во моментот се разгледува од страна на Агенцијата за храна и лекови (ФДА), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Милиони адолесценти на возраст 12 - 17 години беа безбедно вакцинирани и ние знаеме дека вакцините функционираат“, рече Белата куќа во извештајот.
„Целосно вакцинираните лица имаат десетпати помали шанси да бидат хоспитализирани со Ковид-19 и имаат висок степен на заштита, вклучително и против варијантата Делта“, додадоа оттаму.
„Администрацијата на претседателот Џо Бајден има набавено доволно дози за вакцинација на 28 милиони деца на возраст од 5 до 11 години со една доза на вакцината на „Фајзер“/„БајоНТех“, доколку биде дозволено од страна на Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ)“, кажаа тие.
Администрацијата кажа дека исто така започнува партнерство со Здружението на болниците за деца, за да работи со повеќе од 100 детски болнички системи низ Америка и да постави пунктови за вакцинација, од ноември до крајот на годината.
„Родителите знаат и им веруваат на болниците за деца дека ќе бидат тука за медицинските потреби на нивните деца и дека овие напори за вакцинација нема да бидат поинакви. Педијатрите, педијатрите специјалисти, сестри и членовите на тимот ќе им ја аплицираат вакцината на децата во доверливи, семејно-пријателски услови и ќе им служат на децата секој ден“, кажаа во извештајот.
„Дистрибуцијата на вакцините ќе биде направена преку клиниките во канцелариите на докторите, болниците, аптеките, здравствените центри и локации во рамки на заедницата“, додадоа тие.
Одлуката да бидат вакцинирани деца на возраст од 5 до 10 години е пред состанокот на Советодавниот комитет на Агенцијата за храна и лекови на 26 октомври и состанокот на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на 2-3 ноември.
Белата куќа соопшти дека 189 милиони Американци, или две третини од населението, се целосно вакцинирани.