Michael Hernandez
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американските власти притворија поранешен припадник на американската армија кој имал намера да постави експлозив на собир во Калифорнија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Mарк Стивен Доминго (26) беше уапсен во петокот, кога отишол во паркот во Лонг Бич за да го надгледува местото на собирот планиран за изминатиов викенд“, се соопштува од Стејт департментот.
Од Стејт департментот се истакнува дека тој претходно му рекол на лицето за кое мислел дека е соработник, да пронајде изработувач на бомби за да направи импровизиран експлозивен уред, но се установило, всушност, дека лицето со кое стапил во контакт е доверлив информатор на ФБИ.
Доминго минатата недела купил неколку стотици клинци, кои требало да ги искористи како шрапнели во бомбата и ги предал на лицето доверливо на ФБИ.
„Доминго призна дека тој специјално купил клинци од 7,5 сантиметри, доволно долги за да можат да влезат во човечкото тело и да ги пробијат внатрешните органи“, се вели во соопштението.
„Тој зел неколку неактивни експлозивни уреди, за кои сметал дека се оружје за масовно уништување“, вели изворот од ФБИ, а лицето е уапсено на местото на собирот во петокот.
„Истрагата успешно ја спречи вистинската закана од еден обучен војник кој постојано нагласувал дека сака да предизвика максимален број жртви“, соопшти американскиот правобранител Ник Хана.
„Пред да го избере местото предвидено за напад, собирот во Лонг Бич, Доминго размислувал да нападне Евреи, цркви и полицајци“, се вели од американското Министерство за правда.
Тој, исто така, размислувал да користи модификувана автоматска пушка АК-47 за да пука од возило во движење.
Доминго се товари за обид да обезбеди материјална поддршка за терористите и денеска треба да се појави на суд. Се соочува со максимална казна од 15 години затвор.
По смртоносните напади врз двете џамии во Нов Зеланд, во кои загинаа 50 лица, Доминго на социјалните мрежи пишуваше дека мора да има одмазда и во онлајн статус напиша дека сака да биде маченик.