?kipa
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
КАРАКАС (АА) - Властите на Венецуела започнаа акција за сузбивање на обидот за воен удар, кој е дело на група војници лојални на венецуелската опозиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хорхе Родригез, високиот официјален претставник на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, на Твитер соопшти дека помала група „државни предавници“ со опозицијата се обидуваат да извршат воен удар во земјата.
Тој порача дека Владата започнала акција за спречување на воениот удар.
Локалните извори јавуваат дека на улиците на Каракас излегле повеќе воени возила и дека некои патишта се блокирани.
Претходно, претседателот на Уставнотворното собрание на Венецуела, Диосдадо Кабело, го повика населението пред претседателската палата за да го заштити претседателот на државата, Николас Мадуро.
Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Лопез, пак, истакна: „Будни сме пред предавничкиот обид за пуч. Нема невообичаена состојба во воените единици.“
Утринава лидерот на опозицијата и самопрогласениот претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, објави видеопорака во која ја повика војската на востание против власта на Мадуро.
Видеопораката е снимена во воздушната база во Каракас, а околку Гваидо беа припадниците на венецуелската војска и приведениот активист Леополдо Лопез.
Ден во пресрет на најавените масовни антивладини протести, Гваидо изјави дека дошол пресудниот час војската да се вклучи во изградбата на демократијата во Венецуела.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за вториот мандат по изборите кои ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија кога опозицискиот лидер Хуан Гваидо на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател, а во тоа го поддржаа САД и многу европски и латиноамерикански држави. Русија, Турција, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро.