Selen Temizer,Levent Tok,Halit Süleyman
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
АЛЕПО (АА) – Цивилите во Алепо, жртви на интензивните бомбардирања од страна на режимот на Асад и шиитската милиција поддржана од Иран, во очај упатуваат апел за помош поради опасноста од епидемиолошки заболувања предизвикани од глад и недостаток на лекови, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот и неговите поддржувачи ги изведуваат досега најнасилните напади врз цивилите во источен Алепо, кој е под контрола на опозициските сили.
Додека над 200 илјади цивили бегаат во различни делови на регионот, кој е под контрола на опозициските сили, десетици илјади се преселуваат кон регионите каде што владеат режимските сили.
Илјадници луѓе се без комуникација, некои од нив успеваат преку слабата интернет-врска да испраќаат снимки со апел за помош до репортерите на АА.
Мухамед Халифе, еден од нив изјави: „Состојбата во Алепо е од лоша полоша. Сигурен сум дека во историјата не се случило вакво нешто. Подложени сме на секаков напад. Човештвото е мртво, совест не постои веќе. Никој не мисли за цивилите. За жал, цивилната одбрана ниту може да ги лечи повредените, ниту пак има можност да ги спасува луѓето заглавени под урнатините“.
„Најчесто цел на нападите се центрите на цивилната одбрана и нивните екипи“
Еден од цивилите, Захир Мустафа изјави: „Руските и режимските сили ги напаѓаат и западните делови, каде што луѓето се принудени да се селат. Авионите бомбардираат без престан. Нема вода, леб, храна, ниту струја“.
Џуд Хатип, жител на Алепо, ја опиша човечката драма: „Болката во Алепо од ден на ден расте поради нападите на режимските сили. Имаме големи тешкотии да ги обезбедиме основните потреби. Најмногу проблеми имаме со набавката на млеко и храна за деца, како и лекови за болните и ранетите. Воздушните и копнените напади продолжуваат без престан. Бројот на медицинските лица е намален. Средствата што се користат за операции се при крај. И покрај тоа што нашите лекари и здравствени установи преку медиумите апелираат до светот, се гледа дека тоа никого не засега“.
Тој нагласи дека иселувањето на десетици илјади цивили кон местата кои се под контрола на опозициските сили отвора нови проблеми. „Толкав број луѓе на мал простор. Нема место каде да се закопаат мртвите тела. На врата ни тропаат епидемии“.
Ебу Ејмен, пак, нагласи дека на цивилите не им остана сила да издржат: „Времето е многу студено. Немаме никаков огрев. Понекогаш кога ранетите не можат да се лечат, им се ампутираат рацете или нозете. Ранетите и болните се на умирање“.
Хуманитарна криза на илјадници луѓе
Градот Алепо во северна Сирија, на границата со Турција, е град втор по големина по главниот град Дамаск. Центарот на градот е одалечен од Турција само 40 километри. Западниот дел на градот го контролира режимот, а пак источниот е контролиран од опозициските сили. Режимската армија заедно со шиитската милиција којашто е поддржувана од Русија и од Иран, веќе 20 дена изведува интензивни воздушни напади во областите контролирани од опозициските сили во источен Алепо.
Од друга страна, пак, Русија тврди дека не учествува во овие напади. Наспроти ова, опозициските сили кои ги слушаат режимските комуникациски линии, информираат дека Русите учествуваат во секоја копнена операција. Во овој регион, стотици цивили веќе 3 месеци немаат основни хуманитарни услови. Во последните три недели не работат болниците, здравствените установи, училиштата и фурните. Комуникацијата во градот се одвива ограничено, преку интернет, поради повеќето уништени базни станици и прекинатите телефонски линии од страна на режимот.