Aness Suheil Barghoti
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху синоќа го одби повикот на францускиот претседател Франсоа Оланд да присуствува на меѓународната конференција овој месец во Париз, на која би оживеале палестинско израелските мировни преговори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се вели во соопштението од неговата канцеларија, Нетанјаху на Оланд му рекол дека Израел нема да учествува на меѓународната конференција бидејќи тоа нема да придонесе да се постигне мир.
Доколку конференцијата во Париз не се одржи, премиерот е подготвен да се состане со палестинскиот претседател Абас и да води директни преговори, без поставување предуслови, се наведува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Портпаролот на палестинското претседателство Набил Абу Рудине, во изјава за АА потврди дека француските власти го информирале палестинското државно раководство за намерата да се одржи конферениција во Париз на 21 декември.
Мировните преговори меѓу Израел и Палестина пропаднаа во 2014 година, поради одбивањето на Израел да ја ослободи групата палестински политички затвореници, и покрај претходните ветувања дека тоа ќе го стори.
Оттогаш сите обиди за заживување на мировниот процес пропаднаа, главно поради настојувањето на израелските власти да продолжат со градењето на еврејските населби на окупираната палестинска земја.
Палестинските преговарачи тврдат дека активностите за изградба на населбите треба да се завршат за да може да се постигне сеопфатен мировен договор.